Bayram Altuğ
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Од Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (UNHCR) ја повикаа Грција на итна евакуација на илјадници бегалци и мигранти кои се наоѓаат во пренатрупаните кампови на островите во Егејското Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Лиз Трусел, една од портпаролките на УНХЦР, денеска изјави дека на островите во Егејското Море во септември пристигнале 10.258 непријавени мигранти и бегалци, главно од Авганистан и Сирија.
Трусел истакна дека вкупниот број бегалци на островите достигна 30.000, што уште повеќе ја влошило веќе лошата хуманитарна состојба. Смета дека состојбата е критична на Лезбос, Самос и Кос.
Трусел изјави дека во бегалскиот камп Мориа, на островот Лезбос, имало 12.600 лица, што е петпати повеќе од вкупниот капацитет на кампот.
Таа потсети дека за време на протестот во кампот Мориа дошло до пожар во кој смртно настрадале жена и дете. Тоа, наведе Трусел, доведе до бунт на мигрантите, што резултираше и со судир со полицијата.
Таа изјави дека во бегалскиот камп Вати на островот Самос, исто така биле сместени 5.500 лица, што е осумпати над капацитетот.
Трусел ја повика грчката Влада итно да евакуира илјадници бегалци од пренатрупаните кампови, кои ги доведуваат во прашање животите на мигрантите и бегалците кои се таму сместени.
Нагласувајќи ја потребата за долгорочни решенија, Трусел додаде дека е загрижувачка и состојбата на повеќе од илјадници малолетници без придружба.
Од почетокот на годината повеќе од 1.000 непријавени мигранти го загубија животот во водите на Медитеранот, обидувајќи се да дојдат до Европа.
Според податоците на Меѓународната организација за миграции (IOM), од 2014 година во водите на Медитеранот, обидувајќи се да дојдат до некои европски земји, загинаа повеќе од 15.000 лица.