Fatih Erel
06 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Јан Егеланд, советник на специјалниот претставник за Сирија при Обединетите нации (ОН), Стефан де Мистура, упати апел до Турција и до Иран, во претстојните денови да се обезбеди 72-часовен прекин на огнот во Сирија, со цел да се достави хуманитарна помош во регионите каде што има интензивни судири, јавува Anadolu Agency (AA).
Егеланд одржа прес-конференција во седиштето на ОН во Женева, по состанокот на работната група за хуманитарен пристап на Поддржувачката група за Сирија.
„Упатуваме апел до САД, Русија, Турција и до Иран, во април и во мај да обезбедат пристап за доставување хуманитарна помош за 1 милион луѓе кои живеат во регионите во Сирија каде што има блокада и во тешко достапните подрачја“, изјави Егеланд.
Во врска со нападот со хемиско оружје во Идлиб, Егеланд рече дека се истражува кој стои зад овој напад и чие оружје е користено. „Грозна е сириската војна, во која умираат повеќе деца отколку вооружени лица. Многу е грозна војната во која се убиваат деца со отровни хемикалии“, вели тој.
„Упатуваме апел, во следните денови во Сирија да се обезбеди 72-часовен прекин на огнот, во регионите каде што има интензивни судири“, истакна понатаму Егеланд.
Во вторникот, во напад со хемиско оружје од страна на сирискиот режим во Хан Шејхун загинаа околу 100 лица, меѓу кои голем број деца и жени, а 500 лица беа затруени од хемикалии.