Bayram Altuğ
11 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
ЖЕНЕВА
Специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Геир О. Педерсен, рече дека веќе не е прифатливо да има уште смртни случаи и масовно раселување во Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џенифер Фентон, портпаролката на специјалниот претставник Педерсен, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева, рече: „Неоспорна е загриженоста за безбедноста и заштитата на милионите цивили во регионот Идлиб. Невиден број цивили бегаат за да најдат безбедно место, а информациите за загуба на цивили продолжуваат да доаѓаат.“
„Ова е порака дека специјалниот претставник продолжува да врши притисок врз сите заинтересирани страни“, рече портпаролката Фентон.
Фентон, истакнувајќи дека Педерсен контактирал со високи функционери во Иран, рече: „Специјалниот претставник ќе продолжи со преговорите на високо ниво со широк спектар на актери за да потенцира дека се неприфатливи цивилните загуби што достигнаа огромни димензии.“
Од друга страна, портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA), Јенс Ларке, на прес-конференцијата рече дека на 2,8 милиони цивили во Идлиб им е потребна хуманитарна помош.
Портпаролот Ларке го повтори повикот за испорака на безусловна и безбедна хуманитарна помош за цивилите погодени од кризата.
Од Договорот во Сочи на 17 септември 2018 година, повеќе од 1.800 цивили се убиени во нападите на режимот и на неговите приврзаници врз Идлиб. Од јануари 2019 година бројот на цивилите кои се раселени во близина на границата со Турција достигна 1 милион 767 илјади.