Islam Doğru
23 Април 2022•Ажурирај: 25 Април 2022
ЊУЈОРК / МОСКВА (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, најави дека идната недела е планирано да се сретне со претседателот на Русија Владимир Путин, а потоа и со претседателот на Украина Владимир Зеленски, известува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата на Гутереш објави соопштение во кое се наведува дека генералниот секретар на ОН идната недела ќе ги посети Русија и Украина и ќе разговара со највисоките функционери на тие земји.
Во соопштението се вели дека генералниот секретар ќе одржи работен состанок со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на 28 април, а потоа ќе биде примен од претседателот Зеленски.
Најавено е дека Гутереш ќе се состане и со персоналот на агенциите на ОН во регионот со цел да разговараат за зголемување на хуманитарната помош на народот во Украина.
Претходно од Канцеларијата на Гутереш соопштија дека генералниот секретар на 26 април во Москва ќе биде примен од претседателот на Русија Владимир Путин, а ќе разговара и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Гутереш на 20 април испрати писмо до постојаните мисии на Русија и Украина во ОН, во кое побара состаноци со Путин во Москва и Зеленски во Киев, со цел да разговара за итните чекори што треба да се преземат за мир во Украина.