Büşra Selvi Öğütcen
15 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека жените и девојчињата плаќаат највисоката цена во сите кризи и конфликти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сима Бахоус, извршната директорка на „UN Women“, говореше на 66-тата сесија на Комисијата на ОН за статусот на жените.
Бахоус рече дека во сите кризи и конфликти во Мјанмар, Авганистан, земјите од Сахел и Хаити, жените и девојчињата ја плаќаат највисоката цена.
Таа посочи дека страшната војна во Украина сега се додава на постојните кризи и конфликти, и дека војната со секој изминат ден им штети на животите, надежите и иднината на украинските жени и девојчиња.
Осврнувајќи се на војната меѓу Украина и Русија, Бахоус нагласи дека фактот што тие се меѓу земјите производители на пченица и масло ја загрозува безбедноста на храната и пристапот до основните услуги.
Бахоус истакна дека ваквата состојба најтешко ќе ги погоди жените и девојчињата.
На овогодишниот состанок, каде примарна тема е зајакнување на жените во справувањето со климатските промени, Бахоус рече дека како и во сите кризи, жените и девојчињата ја плаќаат цената и на климатските промени.
- Кога природните ресурси се во опасност, најмногу страдаат жените -
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така, во својот говор рече дека во светот сè уште доминираат мажите.
Гутереш истакна дека епидемијата на Ковид-19, загадувањето на животната средина, губењето на биолошката разновидност, како и војната во Украина ги погоди сите, но најмногу страдаа жените и девојчињата.
Тој нагласи дека жените најмногу страдаат кога локалните природни ресурси се во опасност.
Гутереш подвлече дека исхраната, приходите и егзистенцијата на жените што работат во земјоделството се несразмерно погодени од еколошките кризи и суровите временски услови.
Тој, меѓу другото, додаде дека има и докази дека детските бракови и злоупотребата се поврзани со климатската криза.