Zuhal Demirci
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
ЛОНДОН (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски предупреди дека сите се цел на Русија и дека таа би можела да цели и кон други делови на Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски им се обрати на европските челници преку видеоконференција на состанокот на Здружените експедициски сили (JEF) во Лондон.
Во говорот Зеленски им се заблагодари на државите кои зазеле морален став против руската инвазија на Украина и повика на поголема поддршка на неговата земја.
Истакна дека „ако Европа сега не заземе став, Русија би можела да цели и кон други делови на Европа“.
„Сè уште можеме да ја запреме руската воена машина. Сè уште можеме да спречиме убивање на луѓе. Полесно ќе го направиме тоа заедно и ќе го спречиме уништувањето на демократијата и ќе го запреме тоа сега во нашата земја или ќе дојде и кон вас. Сите ние сме цел на Русија. Помогнете си себеси со тоа што ќе ни помогнете нам“, нагласи Зеленски.
Зборувајќи по украинскиот претседател Зеленски, британскиот премиер Борис Џонсон рече дека ова е очаен момент и нагласи дека лидерите треба да направат повеќе за да ја поддржат Украина.
„Со право нè повикавте да направиме повеќе, а знаеме дека можеме и мораме да направиме повеќе“, истакна Џонсон.