Bayram Altuğ
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека најголемата криза со раселување во светот сè уште е во Сирија, со повеќе од 13 милиони луѓе кои ја напуштиле земјата или пак, се внатрешно раселени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата одржана во канцеларијата на ОН во Женева, портпаролот на УНХЦР, Борис Чеширков, потсети дека сириската граѓанска војна е во својата 11-та година.
Истакнувајќи дека потребите на Сиријците кои се внатрешно и надворешно раселени се зголемени, Чеширков ја повика меѓународната заедница да не ги занемарува Сиријците.
„Најголемата светска криза со раселувањето сè уште е во Сирија. Повеќе од 13 милиони луѓе ја напуштија земјата или се раселени во границите на земјата“, рече Чеширков и додаде: „Турција со повеќе од 3,7 милиони Сиријци продолжува да биде домаќин на најголемиот број бегалци во светот.“
Потенцирајќи дека соседните земји великодушно прифатиле 5,6 милиони Сиријци, Чеширков ја нагласи потребата да се обезбеди меѓународна поддршка за овие земји.
Тој додаде дека ситуацијата на Сиријците во Либан е многу лоша, и нагласи дека хуманитарните потреби во Сирија се зголемени.
Наведувајќи дека 6,9 милиони Сиријци сè уште се раселени во земјата, тој посочи дека на 14,6 милиони луѓе им е потребна хуманитарна и друга помош и поддршка.
Чеширков се осврна и на враќањето на Сиријците во своите огништа и изјави дека УНХЦР го регистрирала враќањето на околу 36.000 луѓе минатата година.