Ekip
25 Мај 2019•Ажурирај: 26 Мај 2019
ДАКА (АА) - Високиот комесар за бегалци на ОН, Филипо Гранди, го повика Мјанмар да преземе акција за да им се овозможи на бегалците во Бангладеш, како и на оние кои се раселени во земјата, да се вратат во своите домови безбедно, јавува Anadolu Agency (AA).
„Гранди го повика Мјанмар за преземање на ваква акција за време на конструктивните состаноци со државниот советник Аунг Сан Су Кји и со други високи официјални претставници, кои ги одржа за време на неговата петдневна посета на Мјанмар која заврши вчера“, се вели во соопштението издадено од УНХЦР.
Високиот комесар на ОН му ја пренесе на Мјанмар главната загриженост за Аракан, Рохинџите и за бегалците во Бангладеш.
Гранди, исто така потпиша и Договор на разбирање со Одделот за управување со катастрофи на Министерството за социјална помош, заштита, помош и преселување, во врска со пошироките активности на УНХЦР низ целата земја.
За време на разговорите, Гранди исто така го охрабри Мјанмар да ја забрза верификацијата на околу 98.000 бегалци кои престојуваат во Тајланд, за да се овозможат проширени решенија за оваа група, преку репатријација или легален пристап до пазарот на трудот во Тајланд.
Муслиманите Рохинџи, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 муслимани Рохинџи, од кои најмногу деца и жени, избегаа од Мјанмар и преминаа во Бангладеш, откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој „Онтарио“ (OIDA), од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар.
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 беа претепани“, се вели во извештајот, насловен „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.