Omar Alothmani
04 Јануари 2022•Ажурирај: 05 Јануари 2022
ИСТАНБУЛ
Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) денес повика на ослободување на палестинскиот затвореник, кој штрајкува со глад 141 ден во знак на протест против неговото притворање без судење од страна на Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хишам Абу Хаваш започна со штрајкување со глад во знак на протест поради неговото апсење според израелската политика за административен притвор, која му дозволува на Тел Авив да притвори секого на шест месеци без обвинение или судење.
Во изјавата, генералниот секретар на ОИЦ, Хусеин Ибрахим Таха, рече дека „е многу загрижен поради критичната здравствена состојба на палестинскиот затвореник Хишам Абу Хаваш, кој штрајкува во знак на протест поради неговиот административен притвор во израелските окупаторски затвори“.
„Организацијата ги поддржува палестинските притвореници во затворите на израелската окупација и работи на тоа да го пренесе нивниот глас и страдање до целиот свет“, додаде тој.
Генералниот секретар ги повика организациите за човекови права и меѓународните организации да интервенираат за ослободување на палестинскиот притвореник и „да извршат притисок врз Израел, окупаторската сила, да ги исполни своите обврски според меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право и Женевската конвенција во врска со третманот на палестинските затвореници“.
Хишам Абу Хаваш, татко на пет деца, од градот Дура во јужниот дел на Западниот Брег, беше притворен од страна на израелските сили на 27 октомври 2020 година и ставен во административен притвор.
Според организациите за затвореници, има околу 4.650 палестински притвореници во израелските затвори, вклучително најмалку 500 кои се држени без обвинение или судење.