НАБЛУС (АА) - Басем Хандакџи (37), палестински новинар, напиша шест книги, од кои четири романи и две збирки поезија. Тој, еден од неговите романи „Миск ал Кифаја“ (Misk al Kifaya), го напиша за само четири месеци, постигнувајќи рекорд во брзо пишување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сите тие дела се напишани во израелскиот затвор „Џалбоу“, во северниот дел на Јорданската Долина, каде што Кандакџи служи три доживотни затворски казни, поради учество во Втората интифада.
Беше уапсен и затворен во 2004 година, на возраст од 21 година, кратко време откако дипломира новинарство на Универзитетот „Ал Најах“. Но затворот не успеа да ја згасне неговата фантазија, која се развива сѐ повеќе и повеќе кога ќе започне да пишува на празен лист хартија.
„Тој пишуваше написи и раскази пред да биде притворен. Во притвор продолжи да пишува, опишувајќи го животот во затвор, напиша проза, поезија и статии“, изјави за АА неговиот брат Јусеф.
Во семејната библиотека на Кандакџи, во близина на стариот град Наблус на Западниот Брег, 49 километри од Ерусалим, Јусеф е зафатен со читање и лектура на делата напишани од неговиот брат за да бидат објавени.
Библиотеката е основана во 1971 година од нивната тетка Надја Кандакџи, која таа година по 18 месеци беше ослободена од затворот, во кој беше поради нејзините активности во палестинскиот отпор. Откако ја основаше библиотеката, нејзините браќа Салех, Адеб и нивните синови помагаа во водењето на библиотеката. Сега прерасна во една од најголемите библиотеки и издавачки куќи на Западниот Брег.
„Кога ќе добијам дело од Кандакџи, го гледам како новороденче кое доаѓа на свет по породилните маки. Поминав многу денови воодушевувајќи се на овие трудови кои се изнесени кришум од затворот“, изјави Јусеф.
Тој во моментот го лекторира петтиот роман на неговиот брат, кој наскоро ќе биде објавен.
Првиот роман на Кандакџи беше објавен во 2010 година. Тој беше кришум изнесен од затворот, а се отпечати и е дистрибуиран во Бејрут.
„Ракописите се изнесуваат надвор од затворот со големи потешкотии. Понекогаш затворската администрација го открива тоа и веднаш ги казнува затворениците кај кои ќе најдат нешто во пишана форма“, рече Јусеф.
- Изнесување на делата од затворот -
Кога во затворот откриле дека неговото дело е кришум изнесено, затворските власти го затвориле Кандакџи во самица и му изрекле и финансиска казна.
„Мојот брат поседува голема имагинација и упорност. Тој сонува да го прошета светот. Sидовите се реалност на неговиот живот, но тие не можат да ја затворат неговата фантазија, која патува подалеку. Тој го загуби својот татко на 12-годишна возраст, кратко по неговото притворање, што беше најтешкиот момент за нашето семејство.“
Писателот затвореник сè уште не знае како се прифатени неговите книги во арапскиот свет. Многу студенти од различни универзитети во регионот на Северна Африка и Јордан се здобија со дипломи поттикнати од романите и поезијата на Кандакџи.
Неговиот адвокат Хасан Абади за АА ја раскажа средбата со авторот во затворот во јуни 2019 година. Како на адвокат, дозволено му е да се состанува со затворениците при подготовка за своите случаи.
„Не го познавав лично, но бев жесток читател на неговите романи. Ми рече дека во текот на изминатите 15 години, ова е првпат да се чувствува како писател и дека за првпат се сретнал со читател на неговите дела“, рече Абади.
Адвокатот рече дека Кандакџи посакува да има кафуле во Хаифа во кое со читателите би разговарал за своите дела.
- Книгите се забранети, но дозволена е средба со авторот -
Адвокатот на Кандакџи организираше многу средби на љубители на пишаниот збор во Хаифа и Аман на кои се говореше за романите, како дел од неговата иницијатива за поддршка на палестинските затвореници кои пишуваат зад решетки.
„Тој не пишува само за страдањето во затвор. Тој пишува за љубовта и историјата“, рече тој.
„Зборувавме за неговите фантазии како патува во Париз и шета по улиците на Јафа, Бејрут и Хаифа. Зборувавме за заплетот во неговите романи што ги комбинира минатото и сегашноста и исчекувањето на иднината“, рече Абади.
На еден од културните настани организирани во Наблуд, Абади рече дека еден од новите палестински затвореници од библиотекарот во затворот ја побарал книгата на Кандакџи, на што тој му одговорил дека книгата е забранета, но дека иако книгата не може да ја добие, може да се сретне со нејзиниот автор во ќелијата број 110.