Nilay Kar,Burcu Arik
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Истанбул, град со 15 милиони жители, наскоро ги отвора вратите за најголемата библиотека во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Историските воени објекти во населбата Рами, изградени во 1770 година во подрачјето Ејуп на европската страна од градот, ќе бидат претворени во библиотека со капацитет од 7 милиони книги.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го најави овој проект минатата недела за време на ифтарот во Анкара. Проектот се споменува и во изборната програма на владејачката Партија на правда и развој (АК).
„Ние вложуваме напори да ја поттикнеме нашата генерација да чита книги“, изјави Ердоган.
Директорот за култура и туризам во областа, Џоксун Јилмаз, во разговор за АА рече: „Планот е да се изгради најголемата библиотека во Турција и долина на книгите. Кога проектот ќе биде завршен, оваа библиотека ќе биде кандидат за најголема библиотека во светот“.
Во библиотеката ќе се наоѓаат простории за читање, сали за изложба, кафетерии, кина и продавници.
„Исто така ќе има и простори каде што посетителите на библиотеката ќе можат да седат и да поминат долги часови“, рече Јилмаз.
Библиотеката ќе има секција за деца и колекционери, а ќе има и книги за уметност и за градот.
„Во музејот на библиотеката посетителите ќе имаат можност да се запознаат со историјата на книгите, почнувајќи од самото создавање на хартијата“, вели Јилмаз.
Паркингот на библиотеката ќе има капацитет од 1.250 возила.
Проектот кој се очекува да чини 200 милиони турски лири (43,3 милоини долари), ќе се отвори во 2020 година.
- Проект за библиотека во Анкара -
Се планира уште една изградба на голема библиотека во главниот град Анкара.
Претседателската библиотека се гради во претседателскиот комплекс лоциран во соседството на Бештепе во Анкара.
Зборувајќи за време на собир минатата недела, Ердоган изјави дека библиотеката чија изградба започнала летото 2016 година ќе содржи 5 милиони книги и ќе биде отворена 24 часа.
Библиотеката ќе има модерна инфраструктура и архитектура од отоманскиот период и Селџучкото Царство.
Началникот на Асоцијацијата на турски библиотеки, Али Фуат Картал, за АА изјави : „Тоа е толку убав потег што библиотеките со уникатни карактеристики се градат со збогатена колекција“.
Кога изградбата ќе биде завршена во 2019 година, библиотеката ќе се состои од посебни секции за истражувачите, децата и студентите.
Исто така, ќе им овозможи на истражувачите пристап до многу од водечките светски библиотеки преку дигитални врски и ќе биде третата зграда на претседателскиот комплекс, која ќе биде отворена за јавноста.
Картал изјави дека библиотеката, исто така, ќе понуди можност за вработување на речиси 400 обучени библиотекари.
Портпаролот на претседателот, Ибрахим Калин, минатиот април изјави дека библиотеката ќе помогне во подобрување на нивото на писменост во земјата.
Според извештајот објавен од страна на Турскиот интитут за статистика во 2017 година, Турција има околу 29.000 библиотеки низ земјата. Во нив спаѓа една национална библиотека, 1.137 јавни библиотеки и над 500 универзитетски библиотеки.