Dmitri Chirciu
19 Април 2021•Ажурирај: 20 Април 2021
МОСКВА (АА) - Во Русија, опозиционерот Алексеј Навални, кој започна штрајк со глад во затворот со образложение дека е одбиено неговото барање за медицинска помош, ќе биде префрлен во болница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Руската федерална служба за затвори се истакнува: „Донесена е одлука Навални да биде префрлен во болницата наменета за осудените лица во регионот Владимир.“
Исто така се наведува дека Навални бил прегледуван секој ден и неговата здравствена состојба била задоволителна.
- Навални беше осуден на затворска казна, започна штрајк со глад -
На 2 февруари, Судот во Москва ја претвори 3,5-годишната условна казна за Навални, што му беше изречена поради корупција, во 2,5 години нормална затворска казна со пресметување на времето што го поминал дома.
Навални на 31 март соопшти дека започнал штрајк со глад, наведувајќи дека му било одбиено неговото барање за медицинска помош во затворот во кој се наоѓа.
Тимот на Навални предупреди дека Навални може наскоро да го загуби животот, потенцирајќи ги резултатите од направените анализи.
- Реакција на САД и ЕУ во врска со Навални -
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, вчера изјави дека доколку рускиот опозиционер Алексеј Навални умре во затвор, тоа би повлекло последици за Москва.
Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), наведувајќи дека се загрижени за здравствената состојба на Навални истакна:
„Ги повикуваме руските власти да дозволат Навални да има пристап до здравствените работници на кои им верува. Руските власти се одговорни за безбедноста и здравјето на Навални во затвор.“