Atila Altuntaş
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
СТОКХОЛМ (АА) - Финската премиерка Сана Марин истакна дека одлуката на земјата за аплицирање за членство во НАТО ќе биде соопштена за неколку недели, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Финската премиерка одржа прес-конференција по средбата со премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон, во главниот град Стокхолм.
На прашањето за апликацијата на Финска за членство во НАТО, Марин нагласи дека нема да даде детален рок за ова прашање и дека одлуката ќе ја соопштат за многу кратко време, за неколку недели, а не за месеци.
Наведувајќи дека членството во НАТО стана важно прашање, Марин рече: „Русија е наш сосед и ние имаме долга граница. Гледаме како таа се однесува во Украина. Секако, мора да се подготвиме соодветно на тоа.“
Од друга страна, премиерката Андерсон рече дека има нова безбедносна ситуација во Европа, дека тоа ќе го оценат и наскоро ќе донесат одлука за членство во НАТО.
Посочувајќи дека ќе продолжат да ја анализираат променливата безбедносна ситуација во Европа, Андерсон рече: „Пред нас имаме различни сценарија. Планираме да направиме сеопфатна студија и наскоро да ја донесеме најдобрата одлука.“
Андерсон претходно истакна дека Шведска дефинитивно нема да влезе во НАТО.
Од друга страна, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во изјавата по почетокот на украинско-руската војна рече: „Доколку Шведска и Финска влезат во НАТО, Русија ќе преземе разумни чекори. Русија ќе возврати на оваа одлука.“