Tezcan Ekizler
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
БАМАКО (АА)
- Тезџан ЕКИЗЛЕР
Луѓето, кои мораа да ги напуштат своите домови поради тековните конфликти меѓу терористичките организации и владините сили во северните и централните региони на Мали, својот живот го продолжуваат во тешки услови во кампови поставени во различни делови на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради внатрешните превирања и терористичките напади кои продолжуваат од 2012 година, илјадници Малијци почнаа да мигрираат во кампови поставени во главниот град Бамако и во други градови.
Според информациите добиени од Канцеларијата на ОН за хуманитарна координација (OCHA), од крајот на ноември 2021 година, приближно 200.000 бегалци од Мали побарале засолниште во земји како што се Мавританија, Нигер, Буркина Фасо и Алжир.

Исто така, 401.000 Малијци, главно деца и жени, се сместени во кампови низ целата земја.
Агенција Анадолија (АА) влезе во камповите „Фаладие“, „Сеноу“ и „Согоника“, основани од Владата на Мали во Бамако. Во два од камповите нема струја, а потребите за вода на луѓето им се задоволуваат од бунари.
Децата од Мали, и покрај сите тешкотии со кои се соочуваат, времето го поминуваат играјќи во камповите каде што условите за живот се прилично лоши.
Претставниците на Турската фондација „Дијанет“, пред почетокот на месец Рамазан ги доставија пакетите со храна подготвени за поддршка на оние што живеат во камповите.

- „Ако престанат внатрешните превирања, ќе се вратиме во домовите“
Хала Диало, кој е одговорен за кампот „Фаладие“ во Бамако, во изјавата за Агенција Анадолија истакна дека тој и неговото семејство морале да мигрираат пред четири години поради внатрешните превирања на северот на земјата.
Наведувајќи дека илјада луѓе живеат во камповите, Диало нагласи: „Живееме во тешки услови. Понекогаш Владата на Мали ни дава помош, но таа е недоволна. Помага еднаш или двапати годишно. Сакаме да излеземе од оваа тешка ситуација. Би сакале да работиме доколку има можности за тоа. Тие што нѐ избркаа, сѐ уште се таму. Ако завршат внатрешните превирања, ние ќе се вратиме во нашите домови.“

Ибрахим Сари (52), кој е одговорен за кампот „Сагоника“, истакна дека има три деца и дека тие живеат во тешки услови веќе четири години.
Објаснувајќи дека можностите во кампот се лоши, Сари додаде:
„Во кампот живеат околу 1.300 луѓе. Сите овде чекаат да завршат внатрешните превирања. Никој не сака да живее надвор од родното место и далеку од роднините. Овде имаме проблеми со храната. Ни здравјето не ни е добро. Упатувам порака до светот, ве молиме, донесете мир. Секој да живее удобно и мирно таму каде што е роден.“
