Erdal Türkoğlu,Mehmet Kemal Firik
07 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
ИДЛИБ
- Ердал ТУРКОГЛУ / Мехмет КЕМАЛ ФИРИК
Тринаесетгодишната Ерва Мерван, која емигрираше со семејството поради нападите и се смести во шаторите во селата на Идлиб, рече дека избегале од бомбардирањето на Асад, но дека живеењето тука е потешко од бомбардирањето на Асад.
Во Сирија, приказната за животот на семејствата што мигрираат во безбедните места поради нападите на режимот на Асад и Русија е срцепарателна.

Семејствата, коишто формираат кампови на една низина близу градот Сармада, поради врнежите од дожд и студеното време поминуваат низ тежок период.
Во кампот, некои од шаторите се наоѓаат во кал, а луѓето од калта дури не можат да стојат на нозе.
Цивилите во кампот ги задоволуваат потребите од вода за пиење од пластичните резервоари за вода, што се сместени во средината на кампот и се полнат со дождовни води и тоа еднаш дневно. Во кампот, каде што живеат 130 семејства, има само 4 тоалети.
Во регионот врнежите од дожд околу 2 недели се ефективни. Ноќе температурата на воздухот се спушта до нула степени. Семејствата, кои не можат да најдат огревно дрво, од околината собираат пластика, картони, стари чевли и облека и нив ги користат за да ги загреат шаторите.
- „Имаме потреба од сè“
Тринаесетгодишната Ерва Мерван, која во кампот е дојдена заедно со семејството од југот на Идлиб, во изјавата за дописникот на АА рече дека поминуваат низ тежок период поради студот и врнежите од дожд.
„Ни треба храна. Имаме потреба од многу работи, како што се ќебиња и шатори. Всушност, ни треба сè. Студено е, а врнежите се обилни. Избегавме од бомбардирањето на Асад и дојдовме овде. Но живеењето тука е потешко од бомбардирањето на Асад“, нагласи Мерван.

- „Попладне јадевме јајца, за вечера немаме јадење“
Семир Абдула Џасим, мајка на четири деца, сместена во кампот „Сарут“, рече дека во кампот се дојдени од северот на Хама, пред околу 20 дена.
Џасим истакна дека од нивниот дом избегале со неколку предмети што можеле да ги понесат со себе.
„Шаторот ни се поплави. За да се загрееме наоѓаме парчиња ткаенина и стари чевли и нив ги гориме. Но, чадот е многу непријатен. Затоа навечер ги отвораме вратите на шаторот. Нам тука потребно ни е сè. Го напаѓаат и местото каде што сме дојдени. Не можеме ниту да се загрееме. Попладне ручавме со 3 јајца. За вечера немаме храна. Јадеме сè што ќе најдеме. Во џебот имам само 1.200 сириски лири (околу едно евро). Не се сеќавам што јадевме вчера. Можно е да сме јаделе само леб“, истакна Џасим.
Четиринаесетгодишната Фатима Карима, исто така, изјави дека времето е многу студено и дека особено жали што не може да оди на училиште.
Ебу Џасим, одговорен за кампот „Сарут“, истакнувајќи дека секој ден се зголемува бројот на семејствата што живеат во кампот, додаде: „Состојбата на шаторите е многу лоша. Поради дождот секое место се наоѓа под вода. Дури и главниот пат на кампот се наоѓа под вода. Во некои од шаторите нема ниту шпорет. И шаторите што имаат шпорет не се загреваат. Очекуваме итна помош за областа.“
- Не се однесуваа соодветно на договорите од Астана и Сочи
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околината за зона без судири.
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 деескалациони зони во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо).
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент од нападите на режимот и Русија во деескалационата зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.600 цивили.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција за една година ја достигна бројката од околу 1 милион.