свет

Одлука на Израел за конфискација на дел од парите на Палестинската влада

- Министерот за финансии на Израел, Моше Кахлон, соопшти дека Израел донел одлука според која ќе бидат конфискувани дел од парите што биле собирани како данок во име на Палестинската влада

Ali Semerci  | 21.09.2018 - Обновена : 21.09.2018
Одлука на Израел за конфискација на дел од парите на Палестинската влада

Erusalim/Kuds

ЕРУСАЛИМ (АА) - Министерот за финансии на Израел, Моше Кахлон, соопшти дека Израел донел одлука според која ќе бидат конфискувани дел од парите што биле собирани како данок во име на Палестинската влада, јавува Anadolu Agency (AA).

Според веста објавена во дневниот весник „Израел Хајом“ („Israel Hayom“), министерот Кахлом рекол дека ќе биде конфискуван дел од средствата што Израел ги собира во име на Палестинската влада. Станува збор за средства за помош што Палестинската влада им ги доделува на палестинските семејства. Во случајов, ќе бидат конфискувани средства кои одговараат на сумата којашто му е доделена на семејството на Палестинец, за кој Израелската влада тврди дека минатата недела во еврејската населба Гуш Ецион, во близина на Витлеем, со нож убил Евреин.

Кахлон соопшти дека Израелската влада донела одлука да конфискува дел од средствата што Палестинската влада секој месец планира да му ги исплаќа на семејството на Палестинецот Халил Џабарин, за кој Израел тврди дека убил Евреин, додавајќи дека се бараат други патишта за ограничување на економската помош за семејството на Џабарин.

Министерот Кахлон изјави дека станува збор за остра реакција и истакна дека тоа е порака дека Палестинците двојно ќе ги загубат своите финансиски средства.

Израелскиот Парламент пред речиси 3 месеци донесе одлука според која на палестинските семејствата кои имаат затвореници и загинати ќе им бидат конфискувани платите, но тоа досега не беше спроведено во практика. Се очекува израелските безбедносни сили да подготват посебен извештај за средствата што Палестинската влада им ги исплаќа на семејствата на лицата што извршиле напад.

Оваа одлука на израелскиот Парламент донесена на 2 јули се однесува на средствата што се одделуваат од палестинските даноци за палестинските затвореници и семејствата на загинатите Палестинци. Законот е усвоен со 87 гласови „за“ и 15 „против“.

Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, во јануари соопшти дека Комитетот на министри кој ги потврдува израелските закони, подготвува Закон за средствата наменети за семејствата на палестинските жртви и затвореници. Во израелскиот Парламент првото гласање за овој закон се одржа во март.

Израел и Палестинската ослободителна организација (ПЛО) во 1994 година го потпишаа Парискиот економски протокол, според кој Израелската влада, во име на Палестинците, во Палестинската национална каса ќе префрла 2 милијарди долари од средствата што се собираат во рамките на територијата што ја контролира Израел.

Палестинската влада дел од овие даноци распределува како симболични плати за семејствата чии членови се во затвор или загинале. Според донесениот Закон, станува збор за средства од даноците во висина од околу 300 милиони долари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.