Mustafa Keleş
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Во Њујорк синоќа беше организиран собир на кој беше одбележана 52. годишнината од смртта на Малком Литл, попознат како Малком Х, борец за човековите права на Афроамериканците, јавува Anadolu Agency (AA).
Почитувачите на ликот и делото на Малком Х се собраа на неговото почивалиште и му оддадоа почит со положување цвеќе и со молитви.
Активистката од Англија, Шантил Роџерс, изјави дека името на Малком Х е синоним за слободата и човековите права.
„Тој мораше да се бори за правата на Афроамериканците во САД. Ако беше жив денес, повторно би бил незадоволен со ситуацијата, бидејќи Афроамериканците и имигрантите и сега се соочуваат со дискриминација и проблеми. Меѓу луѓето мора да постои љубов, без оглед на бојата на нивната кожа, тоа е пораката на Малком“, рече Роџерс.
Садик Абдул Кадир пак истакна дека Малком Х е симбол на борбата за социјални права, а не за лични интереси и слава.
„Ако беше жив денес, повторно ќе ја водеше истата борба. Тој не размислуваше само локално, туку и глобално. Ние денес мораме да се однесуваме така за да го направиме светот подобро место за живеење. Тој беше и остана инспирација за луѓето кои се борат за правда и слобода. Тој се менуваше себеси и општеството околу него, а нам тоа денес ни треба во иста мера како што беше потребно и во негово време“, изјави Абдул Кадир.
И уметникот Кев Лоренс рече дека дошол да му оддаде почит на човекот кој го задолжи светот многу.
Малком Х е роден во сојузната американска држава Небраска на 19 мај 1925 година. Во раното детство, неговиот татко бил убиен од бели расисти затоа што бил член на здружението за подобрување на животот на Афроамериканците. Неговата смрт е претставена како несреќен случај, иако главата му била одвоена од телото. Бидејќи мајката на Малком по смртта на нејзиниот сопруг не можела да стори многу за својот син, за него се грижеле постариот брат и сестра. Малком започна живот на ситен криминалец. На 12-годишна возраст станал штитеник на Домот за незгрижени деца во Мичиген.
Кога наполнил 17 години бил пуштен од домот. Потоа се вработил во патнички воз, како мијач на садови. Кога Малком заработил доволно пари, се преселил во Њујорк кај свои роднини. Набрзо станал еден од најопасните насилници на улиците на Харлем. Веќе во 1941 година е уапсен и осуден на десет години затвор за кражба. Со кражба се бавел за да обезбеди пари за дрога. Во 1952 година пуштен е од затвор, а по одреден период му се приклучува на движењето „Нација на исламот“ (Nation of Islam).
Кратко по станувањето член на „Нацијата на исламот“ го менува своето презиме во X. Тоа го сторил во чест на неговите непознати африкански предци, кои биле донесени во Америка како робови. Потоа отпатувал на аџилак, во Мека, Саудиска Арабија. По враќањето во САД, ја отфрла претходната идеја дека сите бели луѓе се демони, и формира своја организација наречена „Организација за афроамериканско единство“. По основањето на организацијата Малком Х го менува своето име во Ел-Хаџ Малик Ел-Шабаз.
Малком е убиен во 1965 година за време на говор во Њујорк во кој го критикуваше Елајџа Мухамед (лидерот на движењето „Нација на исламот“). Малком го убија тројца мажи за кои се испоставило дека се членови на движењето „Нација на исламот“. Сите тројца се осудени и затворени.
Малком Х остана запомнат како лидер меѓу муслиманите во САД во тоа време, како борец за човекови права и еден од највлијателните Афроамериканци. Беше најголем критичар на „белата" Америка и нејзините злодела направени врз црните Американци.