Mücahit Aydemir
16 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
ТРИПОЛИ
Водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот од Либија, Калифа Хафтар, објави дека е кандидат на либиските претседателски избори што ќе се одржат на 24 декември, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Хафтар, кој е обвинет за воени злосторства и разни кршења на човековите права во текот на нападот во Триполи, главниот град на Либија, во 2019 година, ја објави кандидатурата за претседател во видеопорака што ја емитуваше локалната телевизија.
„Ја објавувам својата кандидатура на претседателските избори во согласност со правилата на демократијата и во согласност со спроведување на договорената мапа на патот и со верба во Алах“, рече Хафтар.
Истакна дека изборите се единствен начин Либија да излезе од кризата во која се наоѓа.
„Мојата кандидатура за претседател не е поради желбата да бидам на власт или на некоја функција. Напротив, целта ми е да го предводам нашиот народ во текот на процесот што ќе ја одреди нашата иднина“, додаде тој.
Пензионираниот генерал, Калифа Хафтар, со поддршка од Обединетите Арапски Емирати, Египет, Франција и Русија, на 4 април 2019 година издаде наредба за заземање на главниот град Триполи и со тоа ја вовлече земјата во вооружено насилство што траеше 14 месеци.
Според документот што наводно е објавен од Военото обвинителство на Либија и кој е објавен во локалните медиуми, за Хафтар е распишан налог за апсење поради „користење на платеници“ и „воени злосторства“ во текот на војната во Триполи.
Во градот Тархуна, јужно од Триполи, пронајдени се многу масовни гробници откако милитантната група Канијах, поврзана со Хафтар, беше поразена во војната во Триполи и го напушти градот.
Претседателските и парламентарните избори во Либија би требало да се одржат на 24 декември во согласност со договорот што под покровителство на Обединетите нации (ОН) го постигнаа либиските политички противници во текот на состанокот во Тунис на 15 ноември 2020 година.
Изборната комисија на оваа земја богата со нафта на 8 ноември ја отвори регистрацијата на кандидати и покрај тензиите помеѓу Парламентот, Високиот државен совет и Владата на единството за изборните овластувања и закони.
Либијците се надеваат дека претстојните избори ќе придонесат за завршување на вооружените судири што со години ја мачат земјата.