Atila Altuntaş
18 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
СТОКХОЛМ (АА) - Мухамед Рефик (65) и Мухамед Икбал Јаве (70), кои го спречија Филип Маншаус, напаѓачот кој на 10 август сакаше да изврши напад врз џамијата на Исламскиот центар „Ел Нур“ во норвешкиот град Барум, беа поканети и пречекани во полициската дирекција во Барум, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата на која беше присутна и градоначалничката на општина Барум, Лисбет Хамер, Рефик и Јаве беа пречекани со цвеќе од страна на началничката на полицијата, Беате Гангас Крог.
Крог упати благодарност до Рефик и Јаве поради нивната храброст. „Благодарение на вашата брза и навремена интервенција, спасени се животите на бројни лица“, додаде таа.
Според локалните медиуми, 21-годишниот напаѓач на 10 август не успеал да влезе во џамијата бидејќи вратата била кодирана, но отворил оган од задната врата од каде што се обидел да влезе внатре.
Рефик го фатил и спречил напаѓачот, а Јаве му помагал на Рефик.
Од друга страна, Маншаус е приведен поради кривичните дела „убиство и терористички напад“, а истрагата за него е во тек. Тој ги призна сите обвиненија.
Напаѓачот околу два часа пред нападот врз џамијата ја убил и својата полусестра.