Zeynep Katre Oran,Eşref Musa
13 Јануари 2025•Ажурирај: 15 Јануари 2025
ДАМАСК (АА) - Лидерот на новата сириска администрација Ахмед ал-Шара изрази оптимизам дека 14 милиони раселени Сиријци ќе се вратат во земјата во рок од две години, јавува Анадолу.
Зборувајќи со Џо Хатаб, снимател на документарни филмови од Дубаи и креатор на содржина на Јутјуб, во видеото емитувано вчера Ал-Шара истакна дека Сиријците кои биле принудени да ја напуштат својата татковина се враќаат дома по падот на режимот на партијата Баас.
„Убеден сум дека 14 милиони Сиријци ќе се вратат во својата земја за две години. Само околу 1,5 милиони ќе останат во странство“, рече тој.
Ал-Шара го критикуваше соборениот режим за користење на државните институции за репресија на населението, организирање институции за угнетување на луѓето и прибегнување кон тактики, како што се тортура и убивање.
Тој укажа на посветеноста на новата администрација на правдата како основен принцип за обнова и развој на Сирија.
„Ако земјата е слаба, граѓаните на таа земја не може да бидат силни“, рече Ал-Шара, нагласувајќи ја потребата од краткорочни, среднорочни и долгорочни планови од страна на јавните институции, законодавните и извршните тела и другите сектори во текот на овој процес.
Тој, исто така, истакна дека за решавање на актуелните предизвици во општеството ќе биде потребно време, но напредок може да се постигне со доследно планирање и јавно образование.
Ал-Шара рече дека сирискиот народ го надминал очајот преку револуцијата.
„Сега Сиријците шетаат насекаде со кренати глави. Го сменивме текот на историјата“, рече тој.
Тој посочи дека револуцијата завршила со колапс на режимот и дека е време да се премине од револуционерен начин на размислување кон државно ориентиран.
Тој нагласи дека целта на новата администрација е „победа без одмазда“ и дека ги поддржува напорите за помирување и политиките за амнестија на оние што ја сменија „страната“ по падот на режимот.
Сепак, Ал-Шара направи исклучоци, наведувајќи дека амнестија нема да добијат оние што се вклучени во тортурата, бомбашките напади или масакрите, како оние во затворот „Седнаја“ во главниот град Дамаск.
Башар ал-Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември, ставајќи крај на повеќедецениското владеење на неговото семејство.
Преземањето се случи откако борците на Хајат Тахрир ал-Шам ги освоија клучните градови во молскавичната офанзива што траеше помалку од две недели.
Новата администрација е предводена од Ахмед ал-Шара.