Ekip
22 Мај 2018•Ажурирај: 22 Мај 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Јужна Кореја се разочарани поради тоа што новинарите од оваа земја, и покрај претходните покани, нема да можат да присуствуваат на затворањето на полигонот за нуклеарни тестирања во Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Група странски новинари со специјален лет од Кина рано утринава замина за Северна Кореја, а меѓу нив не беа осум претходно поканети јужнокорејски новинари.
Севернокорејските власти најавија дека во зависност од временските услови, од среда до петок ќе го уништат полигонот „Пунгјери“, каде што беа направени сите шест нуклеарни тестирања.
Во екот на минатомесечното релаксирање на односите меѓу двете Кореи, на овој настан се поканети и странски медиуми, вклучувајќи ја и групата од Сеул. Меѓутоа, се случи пресврт минатата недела, кога Северна Кореја го прекина дијалогот на највисоко ниво со Сеул поради воените вежби во кои учествуваат и силите на САД, кои Пјонгјанг ги смета за провокативни.
„Сметаме дека ова е разочарувачки потег поради кој сите ќе жалат“, изјави јужнокорејскиот министер за обединување, Чо Мјонг Гјон, за новинската агенција „Јонхап“.
Чо истакна дека официјален Сеул и утрово се обидел да стапи во контакт со Пјонгјанг и да ги испрати новинарите, но другата страна го одбила барањето.
Министерот Чо, од друга страна, се надева дека последните потези од страна на Северна Кореја нема да ја загрозат средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун најавена за 12 јуни во Сингапур.