ИСТАНБУЛ (АА) - ЃУЛСУМ ИНЏЕКАЈА -
Јеменската активистка и добитничка на Нобеловата награда за мир, Тевекул Карман, предупреди дека во Јемен умира човештвото и дека во таа земја се врши сериозно злосторство против луѓето.
Карман за Anadolu Agency (AA) изјави дека актерите што ја продолжуваат војната во Јемен, се плашат од неговата независност.
Таа потсети на самозапалувањето на трговецот од Тунис во декември 2010 година, по што следуваа демонстрации, а потоа и процесот наречен „Арапска пролет“.
Смета дека војната во Јемен трае поради примената на политичката агенда на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Иран.
„Денеска во Јемен имаме пример на окупација. Причина за тоа е улогата што ОАЕ ја имаат во земјата. Јемен стана поле на кое Иран и Саудиска Арабија ги одмеруваат силите. Иран и Саудиска Арабија во Јемен имаат заеднички цели. И двете земји ја сакаат власта во Јемен“, додаде Карман.
Карман истакна дека двете земји не ја посакуваат независноста на Јемен. Таа смета дека вистинската причина за проблемот е во тоа што Иран и Саудиска Арабија не сакаат независност, ниту стабилност на Јемен.
Таа изјави дека особено внимание треба да ѝ се придаде на растечката криза, до која дојде поради негативното влијание на споменатите земји во Јемен, како и тоа што тие кризи доведоа до речиси безизлезна ситуација.
„Во Јемен умира човештвото бидејќи тука се врши злосторство против луѓето“, рече таа.
Карман потсети дека луѓето кои поради војната го напуштиле Јемен, не можат да се вратат во своите домови, бидејќи се спречува нивното враќање.
„Истовремено, и лидерите на легитимната влада во Јемен не можат да се вратат во земјата. Иако 80 отсто од Јемен е ослободен, поради играта предводена од ОАЕ, народот во Јемен нема можност да ја изрази својата волја, ниту пак да ги постигне своите цели“, додаде таа.
Карман истакна дека и покрај тоа што често се зборува за подрачјата во кои се води војна, меѓу кои се Сирија, Мјанмар и други, свесно се избегнува да се зборува за човечката драма во Јемен.
Таа предупреди дека жителите на Јемен имаат бројни проблеми, како што се недостаток од храна и вода, а во истовреме, населението се соочува и со разни болести.
„Јемен е препуштен сам на себе. Најголема штета и болка му се нанесува на неговиот народ, на цивилите, на недолжните“, порача таа.
Карман рече дека светот ги затворил очите пред случувањата во Јемен, но посочи дека Турција вложува сериозни напори за доставување храна, медицински средства и обезбедување капацитети за сместување на јеменскиот народ.
Како Јеменка којашто живее во Турција, Карман нагласи дека со различни организации и луѓе во повеќе пригоди зборувала за начинот на кој Турција може да помогне кога станува збор за Јемен.
„Турција навистина се грижи за ова прашање. Сметам дека е многу важна позицијата на Турција во решавањето на проблемите во Јемен. Оваа земја имаше многу важни активности, особено кога станува збор за хуманитарната помош“, рече Карман, истакнувајќи дека во акциите се вклучиле и официјални и неофицијални институции.
Таа се надева дека Турција ќе ја следи активната политика кога станува збор за Јемен, и верува оти проблемот ќе биде решен.
„Турција мора да преземе активна политичка улога. Сметам дека Турција е единствена земја која би можела да ги собере на едно место спротивставените страни во Јемен. Поради тоа, сметам дека Турција ќе има важна улога, во вистинска смисла во решавањето на кризата“, додаде Карман.
Предупредувајќи дека жените и децата се најпогодени од војната и кризите, таа истакна дека во решавањето на ова прашање, под итно мора да се вклучат меѓународните организации.
„Во сите делови на светот гледаме кризи. Водиме проекти за жените и децата кои се најмногу погодени од овие кризи, бидејќи најголемата болка ја чувствуваат тие. Сакаме на меѓународните хуманитарни организации да им стане приоритет помошта за овие жртви“, додаде таа.
Таа истакна дека Фондацијата „Тевекул Карман“ во Истанбул одржала панел за миграциите и за тоа како тие се одразуваат врз жените. Фокусот бил ставен врз проблемите на жените во Сирија, Јемен, Аракан, но и во други подрачја.
„Сепак, свесни сме дека тие проблеми нема да ги решиме само со зборување за нив и со организирање панели. Овој вид активности не се нешто што дава значајни резултати. Единствен начин да постигнеме резултати е одговорните за злосторствата да одговараат пред локалните и меѓународните судови, и да бидат казнети за тоа. Доколку одговорните не бидат казнети, секогаш во светот ќе се случуваат убиства и масакри. Повторно ќе биде нанесувана слична болка. Жените ќе остануваат без своите сопрузи, а децата без татковци“, појасни Карман.
Таа го најави продолжувањето на борбата, сè додека тиранијата и масакрите не престанат.
„Ние со сета сила се трудиме да се избориме за решавање на овие проблеми. Се трудиме да се зборува за жените и децата, жртви на војната во Сирија. Оваа борба ќе ја продолжиме сѐ додека не бидат казнети Асад во Сирија и емирот на ОАЕ, Мухамед бин Зајед, за тиранијата во Јемен“, порача таа.
Таа додаде и дека ќе се бори сè додека не биде искоренета улогата што ја има престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман.
„Оваа борба ќе ја продолжиме сѐ додека тиранијата не биде победена. Не верувам во никаков мир додека овие луѓе не бидат казнети“, истакна Карман.
Извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) за 2017 година покажува дека околу 60 отсто од јеменското население нема пристап до основните здравствени услуги.
Исто така, 9.245 луѓе страдаа како последица на повеќегодишните судири во земјата, а причина за смртта на повеќето од половината починати се заразните болести и неухранетост. Ситуацијата е значително полоша во подрачјата на судири. Неухранетоста и заразните болести го зголемуваат ризикот од епидемија и ја намалуваат отпорноста кон заболувањата.
Половината од болниците или амбулантите во Јемен се затворени или работат со намалени капацитети. Дури и институциите кои работат со намалени капацитети, претрпеа големи оштетувања, а истовремено немаат доволни количества на медицинска опрема. Извештајот покажува дека колерата во последните две години бргу се шири низ земјата, а поради недостаток на вакцини и медицинска поддршка, починаа 2.266 лица.
Опасноста сѐ уште е присутна. Од последиците на заразата, умираат се поголем број луѓе, особено во западните делови на Јемен. Пред крајот на 2017 година, епидемијата зафати речиси 92 отсто од земјата, а Обединетите нации ја нарекоа најбргу раширена и најголема во историјата.
Во извештајот на СЗО се опфатени и децата во Јемен. Во него се наведува дека меѓу 9.245 настрадани во периодот од март 2015 година до крајот на 2017 има 744 деца.
Јемен подолг период е подрачје на безбедносна и политичка криза. Хусите од 2014 година под контрола го држат главниот град Сана и уште неколку подрачја во земјата. Коалициските сили, предводени од Саудиска Арабија, од март 2015 година и даваат поддршка на јеменската влада.
news_share_descriptionsubscription_contact
