Mohammed Hamood Ali Al Ragawi,Ali Semerci,Faruk Hanedar
10 Септември 2025•Ажурирај: 11 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Девет лица загинаа, а 118 се повредени во воздушни напади извршени од израелската Армија врз јеменските градови Сана и Џаф, известува Анадолу.
Официјалната новинска агенција на Јемен, САБА, објави дека Министерството за здравство на Јемен издало соопштение во кое се наведува дека, според првичните извештаи, 9 лица загинале, а 118 се повредени во воздушните напади врз израелскиот главен град Сана и Џаф.
Во соопштението, во кое се нагласува дека екипите за цивилна одбрана и спасување продолжуваат со напорите за гаснење на пожарите што избувнаа како резултат на израелските напади и со операциите за потрага по лицата заробени под урнатините, најостро се осудуваат израелските напади насочени кон цивилите, услужните објекти и живеалиштата во населбата Тахрир во центарот на главниот град; врз здравствената установа на 60-тата Улица во југозападниот дел на Сана; и врз владиниот комплекс во населбата Хазм во градот Џаф.
По нападите врз Сирија и Катар, израелската Армија започна воздушни напади и врз Сана, главниот град на Јемен, во последните 48 часа.
Израелската Армија изјави дека биле нападнати цели на Хутите во Сана и Џаф, а меѓу целите биле воени кампови, Центарот за односи со јавноста на војската и магацин за гориво.
Во соопштението се тврди дека Центарот за односи со јавноста се користел за пропагандни цели, а во воените кампови се наоѓале и простории за операции и разузнавање.
Израел се закани дека ќе продолжи со нападите врз Јемен.
По овие напади, бројот на земји нишанети од страна на Израел во изминатите 48 часа се зголеми на три: Јемен, Катар и Сирија. Покрај тоа, Израел спроведува секојдневни напади врз Либан, Појасот Газа и Западниот Брег.