Adam Abu-bashal
19 Април 2021•Ажурирај: 21 Април 2021
АБУЏА
Во западноафриканската држава Нигерија животот го загубија најмалку 12 лица откако дојде до експлозија на цистерна за гориво што се превртела додека се движела по патот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јакуб Мухамед, координаторот на Националната организација за безбедност на патиштата за нигериската федерална држава Бенуе, за локалните медиуми изјави дека возачот на цистерната со гориво ја загубил контролата над возилото што се движело на релацијата Ошигбуду - Обагаџи, по што настанала експлозија.
Координаторот Мухамед информираше дека според првичните проценки, од експлозијата животот го загубиле 12 лица, меѓу кои 3 жени и едно дете, и дека има голем број повредени.
Мухамед соопшти дека некои од повредените се наоѓаат во тешка состојба и изрази загриженост поради можноста за зголемување на бројот на починати.
Експлозијата предизвикала оштетувања на куќите и продавниците што се наоѓале во околината на несреќата.