İlker Girit
20 Ноември 2017•Ажурирај: 21 Ноември 2017
ФРАНКФУРТ (АА) - Неуспехот на преговорите за формирање коалициска влада во Германија предизвика пад на вредноста на германската берза и слабеење на еврото во однос на доларот, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларката на Германија, Ангела Меркел, соопшти дека нејзината Демохристијанска унија (ЦДУ) со сојузникот Христијанско-социјална унија (ЦСУ) не успеаја да постигнат договор за формирање коалициска влада со либералите од Слободната демократска партија (ФДП) и со движењето на Зелените.
„Како канцеларка, ќе направам сѐ Германија да биде добро раководена во претстојните тешки недели“, рече Меркел по завршувањето на едномесечните преговори.
Кратко потоа, акциите на берзата „DAX“ (Дакс) во Франкфурт забележаа намалување на вредноста на акциите за 0,38 проценти, а еврото падна за 0,6 проценти во однос на американскиот долар.
Како победници на последните парламентарни избори, ЦДУ и нејзината сестринска политичка опција од Баварија, ЦСУ, се обидоа со Слободните демократи и со Зелените да постигнат начелен договор и да тргнат во формални преговори за коалиција.
Преговорите започнаа на 18 октомври, а евентуалната коалиција веќе го доби префиксот „Јамајка“, бидејќи бојата на логоата на германските партии (црвена, жолта и зелена) потсетуваат на сетот бои на националното знаме на Јамајка.
Зелените побараа Германија да стави крај на употребата на јаглен и на мотори со внатрешно согорување, и предлагаат и да им се дозволи на поголем број мигранти да ги доведат нивните најблиски роднини за да им се придружат во Германија.
Досегашниот коалициски партнер, Социјалдемократската партија (СДП) претходно се изјасни дека оди во опозиција, а канцеларката Меркел претходно рече дека радикално десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и радикалната левица се непожелни како партнери во владата.
Повторување на преговорите, малцинска влада или нови избори се можните опции за разрешување на политичката криза во Германија. Каква било коалиција без ЦДУ математички е невозможна.