Aness Suheil Barghoti
10 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тврди дека крајнодесничарскиот блок раководен од неговата партија Ликуд извојувал јасна победа на општите избори во Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Израел за довербата“, рече Нетанјаху во синоќешната изјава.
„Ќе започнам со формирање десничарска влада со нашите природни сојузници уште оваа вечер.“
И еден од лидерите на политичкиот сојуз на „сино-белите“, поранешниот челник на израелската Армија, Бени Ганц, исто така прогласи победа.
„Израелската јавност си го кажа своето! Благодарам на илјадниците активисти и на над еден милион гласачи“, рече Ганц.
Според израелскиот Канал 12, блокот предводен од Ликуд изгубил против Сино-белата алијанса предводена од Ганц и центристичкиот политичар Јаир Лапид со 37-33.
Во меѓувреме, Канал 11 објави дека двете страни освоиле по 36 места во Парламентот.
Според Изборната комисија на Израел, гласањето се одржало на вкупно 10.720 избирачки места низ целата земја, додека 96 места биле отворени во израелските амбасади и конзулати.
Над 40 политички партии се натпреваруваа за 120-те места во Кнесетот, израелскиот Парламент, иако само 12 партии се очекува да го минат изборниот праг.
Според Изборната комисија, во Израел има 6,3 милиони лица со право на глас.