Ekipa
10 Април 2019•Ажурирај: 11 Април 2019
РАМАЛА (АА) - Бројот на палестинските затвореници во израелските затвори кои започнаа штрајк со глад во знак на протест поради прекршување на човековите права достигна 400, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Делегацијата на палестинските затвореници поврзани со Палестинската ослободителна организација (ПОО) се истакнува дека бројот на палестинските затвореници кои штрајкуваат со глад во израелските затвори во Негев, Римон, Нефха, Ишел, Офер, Џелбу и Меџду порасна на околу 400.
Од делегацијата се вели дека во затворот се водат индиректни преговори. За да се прифатат барањата што се од витално значење за затворениците од страна на окупаторската власт, Египет продолжува да извршува притисок.
Штрајкот со глад на неопределено време кој започна со 150 затвореници од лидерскиот состав на Движењето на заробеници, се води во рамките на активностите организирани под името „Војна на честа 2“.
Во израелските затвори од почетокот на 2019 година има тензии поради практиките што се воведуваат за палестинските затвореници, како што е практиката за поставување уред кој ги одбива сигналите. Палестинските затвореници велат дека уредите за разбивање сигнали негативно влијаат врз нивното здравје.
Минатиот понеделник, во писмената изјава од Делегацијата на палестинските затвореници беше истакнато дека од затворската администрација е побарано отстранување на уредите за прекин на телефонските сигнали, повторно започнување на посетите за затворениците од Газа, ставање општи телефонски говорници, прекинување на хајката врз нив и да им се обезбеди медицински третман. Според писменото соопштение, не било одговорено на тие барања.
Се нагласува дека поради тврдоглавиот став на одговорните лица во затворите, ситуацијата влегува во ќор-сокак и дека тоа ќе предизвика во наредните денови и во другите затвори да започне штрајк со глад.
Според палестинските официјални извори, во затворите во Израел има вкупно 5.700 Палестинци, од нив 500 се административни затвореници и 230 деца.