Gülşen Topçu
10 Април 2018•Ажурирај: 10 Април 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху отворено се закани дека мета на израелските напади во Појасот Газа ќе биде сè што израелските сили сметаат дека е закана, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нашиот приоритет е јасен, прв нападни го оној што сака да ти наштети. На никого од Појасот Газа нема да му дозволиме да ни наштети“, се вели во соопштението од Канцеларијата на Нетанјаху.
Вчера, во раните утрински часови, израелските воздушни сили извршија напад врз северна Газа. Наводно, повод за нападот била рачно изработената експлозивна направа пронајдена од израелските војници на границата меѓу Израел и блокираната палестинска енклава.
Од Хамас, палестинското движење на отпорот, тврдат дека Израел со овие напади се обидува да го привлече вниманието на јавноста и да ги прикрие злосторствата против цивилите што протестираат на границата.
Илјадници Палестинци на 30 март на границата на Газа започнаа мирен „Марш на големото враќање“, кој со различни настани ќе трае шест недели.
Израелските сили во последните неколку дена убија најмалку 32 демонстранти, што беше остро осудено од голем број земји, како и од Обединетите нации и Европската Унија, кои започнаа независна истрага.
Израел се соочува и со жестоки критики од организациите за човекови права, вклучувајќи ги и израелските организации што се противат на употребата на боева муниција против демонстрантите.