свет

Нетанјаху: Нема да попуштиме пред меѓународниот притисок за запирање на војната во Газа

„Ниту еден меѓународен притисок нема да нѐ спречи да ги оствариме сите цели на војната...“

Ikrame Imane Kouachi  | 17.03.2024 - Обновена : 18.03.2024
Нетанјаху: Нема да попуштиме пред меѓународниот притисок за запирање на војната во Газа

АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека нема да попушти пред меѓународниот притисок за запирање на војната во Појасот Газа, јавува Анадолу.

„Ниту еден меѓународен притисок нема да нѐ спречи да ги оствариме сите цели на војната: елиминирање на Хамас, ослободување на сите наши заложници и обезбедување Газа повеќе да не претставува закана за Израел“, рече Нетанјаху на состанокот на Владата, и додаде:

„Не смееме да потклекнеме пред овие притисоци и нема да им попуштиме.“

Израелскиот премиер рече дека притисокот врз Израел се фокусира кон повикување на одржување на нови избори во Израел.

„Тоа го прават обидувајќи се да дојдат до избори сега, среде војна. И тоа го прават затоа што знаат дека сегашните избори ќе ја запрат војната и ќе ја парализираат земјата најмалку шест месеци“, рече Нетанјаху.

Тој додаде дека ако ја прекинат војната сега, пред да се постигнат сите нејзини цели, тоа значи дека Израел изгубил, а тој нема да го дозволи тоа.

Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, во четвртокот го критикуваше лидерството на Нетанјаху и го повика Израел да одржи нови избори.

Нетанјаху ги нарече коментарите на Шумер „целосно несоодветни“.

„Тоа не и го правите на сестринска демократија“, додаде тој.

И покрај меѓународните предупредувања, Нетанјаху во петокот ги одобри воените планови за копнена операција во Рафа, каде што од израелските напади во Газа засолнети се повеќе од 1,4 милиони луѓе.

Нетанјаху рече дека ќе ја спроведе операцијата во Рафа, која ќе потрае неколку недели, и дека тоа ќе се случи.

„Оние кои велат дека операцијата во Рафа нема да се случи се истите оние кои рекоа дека нема да влеземе во Газа, нема да дејствуваме во Шифа, нема да дејствуваме во Хан Јунис и нема дека нема да ги продолжиме борбите по прекинот на огнот“, додаде тој.

Израел започна напади врз Појасот Газа по 7 октомври минатата година, по прекуграничниот напад на Хамас.

Прекршувајќи ја привремената одлука на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа каде, според палестинските здравствени власти, од 7 октомври најмалку 31.645 Палестинци, главно жени и деца, се загинати, а 73.676 се повредени.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.