свет

Нерегуларните мигранти кои Франција „не ги сака“ се борат да преживеат

Очевидците во изјавата за АА истакнаа дека полицијата секој ден доаѓа под мостот за да ги истера мигрантите и дека одвреме-навреме интервенира со солзавец.

Yusuf Özcan  | 01.03.2021 - Обновена : 03.03.2021
Нерегуларните мигранти кои Франција „не ги сака“ се борат да преживеат ( Foto: Dursun Aydemir / Anadolu Agency )

КАЛЕ (АА) - ЈУСУФ ОЗЏАН -

Франција е критикувана дека е „рамнодушна“ кон лошите услови во кои престојуваат илегалните мигранти и дека не презема соодветни мерки за нивна заштита. Од друга страна, илегалните мигранти препуштени на својата судбина во градот Кале се борат да преживеат, јавува Агенција Анадолија (АА).

Нерегуларниот камп за мигранти познат како „Џунгла“ во Кале, во кој има околу 8.000 лица, во 2016 година беше распуштен. По одлуката на Владата за распуштање на кампот, некои од нерегуларните мигранти што беа испратени во различни центри се вратија во Кале бидејќи во тие центри немало услови ниту пак, доволен капацитет.

Франција, која ја брани демократијата и човековите права на меѓународната сцена, од страна на невладините организации во земјата е критикувана за недоволно преземените чекори за подобрување на лошите услови со кои се соочуваат нерегуларните мигранти и дека е „рамнодушна“ кон нивните проблеми.

Во моментов во Кале има околу 800 илегални мигранти, претежно Суданци и Авганистанци. Тие живеат на зелените површини покрај патот, на различни места надвор од центарот на градот. Основните човечки услови, како што се сместување, тоалет, бања и храна, се на многу ниско ниво.

Нерегуларните мигранти можат да се хранат само со оброците обезбедени од невладините организации во градот. Мигрантите ги мијат рацете и лицето со водата од потокот, а некои од нив земаат абдест исто така со водата од потокот.

Единствената надеж на нерегуларните имигранти што се сместени тука е да заминат во Англија, каде што мислат дека ќе можат да живеат во похумани услови. Вознемиреноста и очајното чекање на имигрантите се забележува на нивните лица.

Некои од мигрантите во Кале, исто така живеат во импровизирани шатори под мостот во центарот на градот.

Очевидците во изјавата за АА истакнаа дека полицијата секој ден доаѓа под мостот за да ги истера мигрантите и дека одвреме-навреме интервенира со солзавец.

Од друга страна, нерегуларните имигранти, кои разговараа со новинарот на АА, истакнаа дека тука живеат под многу тешки услови и дека сакаат да одат во Англија поради тоа што тука условите за живот се многу ограничени.

Нелегалните мигранти не сакаа да се појават пред камерата и микрофонот, плашејќи се дека нивното заминување во Англија би било загрозено доколку ги видат француските власти.

- „Властите не ни дозволуваат да поставуваме шатори“

Суданецот Ибрахим, кој се бори да преживее во импровизиран шатор под мостот во центарот на градот, се согласи да зборува пред камерата на АА.

Ибрахим рече дека им помагале во однос на храна и пијалаци, но дека имале проблеми со засолнувањето.

„Властите не ни дозволуваат да поставуваме шатори. Покрај тоа, поради студот, снегот и дождот, ситуацијата ни станува сè потешка. Не сме навикнати на овие временски услови, тука не е како во Африка“, рече Суданецот Ибрахим, додавајќи дека сака да замине во Англија затоа што другите европски земји не издаваат дозвола за престој на имигрантите.

„Условите тука се многу тешки, не можеме да ги надминеме. Како имигранти, имаме тешкотии и во користењето на јавниот превоз. Пешачиме за да најдеме храна. Тоа време ни се случуваат многу настани“, додаде Ибрахим.

- „Имаме тешкотии поради тешките временски услови, студот и дождот“

Халит, исто така нерегуларен имигрант од Судан, рече: „Имаме тешкотии поради тешките временски услови, студот и дождот. Живееме тука под мостот и како што можете да видите тука се градат патишта.“

- „Нивната ситуација е прилично драматична“

Пјер Рок, координатор на невладината организација „Утопија 56“, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека тие обезбедуваат помош за нерегуларните мигранти и се справуваат со нивните здравствени проблеми.

Изјавувајќи дека во моментов има околу 800 нерегуларни мигранти во и околу Кале, Рок рече:

„Нивната состојба е прилично драматична. Тие живеат во привремени кампови. Полицијата на секои 48 часа ги евакуира овие кампови. Нивните приватни работи може да бидат конфискувани и украдени. Полицијата понекогаш доаѓа ноќе и ги буди. Постои физичко и психолошко вознемирување (кон мигрантите). Овие денови временските услови се многу лоши. Сепак, тоа не ја спречува полицијата да ги земе шаторите.“

Посочувајќи дека полицијата ги малтретирала нерегуларните мигранти, Рок рече:

„Полицијата пристигнува во исто време на секои 48 часа и тоа наутро, ги принудува да се разбудат и да ги преместат шаторите на уште 20-30 метри. На тие што во тој момент не се таму им ги зема шаторите.“

Изјавувајќи дека честото повторување на истите работи ги уморува нерегуларните мигранти, Рок рече: „Полицијата во некои кампови оди и ноќе, а понекогаш користи и солзавец.“

- „Актуелната Влада е непријателски настроена кон (нерегуларните) имигранти и тоа стана нејзина политика“

Истакнувајќи дека Франција и Владата не работат доволно во однос на нерегуларните мигранти, Рок рече: „Срамота е. Властите прават нешто, но тоа е навистина минимално.“

Наведувајќи дека минатиот викенд изгореле тоалетите што ги изградила Општина Калаис за имигрантите, Рок истакна дека само половината од нив биле обновени и дека ограничени се храната и пијалаците што француските власти ги обезбедуваат за имигрантите.

„Актуелната Влада е непријателски настроена кон (нерегуларните) имигранти и тоа стана нејзина политика“, нагласи Рок.

- Се сместуваат во засолништа, а потоа се оставаат на улиците“

Сило Медријан, друга координаторка на „Утопија 56“, рече: „Ситуацијата е иста и во Кале. (Нерегуларните мигранти) Се сместуваат во засолништа и потоа се фрлаат на улиците.“

Наведувајќи дека нерегуларните имигранти живеат во услови што не се погодни за човечкото достоинство, Медријан изјави дека храната и основните потреби што Владата ги обезбедува за имигрантите се недоволни.

„Владата не го прави тоа што е потребно, го прави минимумот за да може да се одбрани“, рече таа.

„Некои мигранти во Кале се кријат бидејќи секое утро ги бркаат. Тие луѓе што се кријат не можат да искористат од помошта што се обезбедува“, додаде Медријан.

Елиса Ган, координатор на невладината организација „Центар за жени бегалци“ (Refugees Women's Center), истакна дека по затворањето на кампот „Џунгла“ во 2016 година ситуацијата на имигрантите всушност не се променила.

„Штета е што нивната ситуација има помалку покриеност во медиумите отколку порано. Бидејќи тука сè уште има околу 800 луѓе. Иста бројка има и во општината Гранд-Синт“, рече Ган.

„Она што го стори Владата не е доволно. Локалните власти преземаат некои мерки колку да кажат дека прават нешто без целосно да ги задоволат потребите на имигрантите. Властите не ги почитуваат овие луѓе и не сакаат да преземат одговорност за нив“, додаде Ган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.