Ayhan Mehmet
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
АТИНА (АА) – Околу 18 нерегуларни семејства мигранти, кои живеат во шатори надвор од кампот „Елеона“ во грчката престолнина Атина, се борат за опстанок, немаат храна, вода и електрична енергија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Нерегуларните мигранти, вклучително деца и една бремена жена, се борат за својот опстанок, бидејќи времето во главниот град Атина станува сè постудено, а одвреме-навреме има и интензивни дождови.
Триесетгодишниот Мухамед Џевад по потекло од Авганистан истакна дека веќе два месеца живее надвор од кампот „Елеона“ и дека условите се многу лоши, а најголемиот проблем е ненаоѓањето храна.

Џевад, истакнувајќи дека некои семејства живеат во шатори надвор од кампот веќе 4 месеци, раскажа: „Тука храна им даваат само на тие што престојуваат во кампот, нам храна не ни се дава. Нашите потреби за храна ги задоволуваме од една црква која дистрибуира храна за бездомници во центарот на градот.“
- „Постојано ни кажуваат дека треба да чекаме“ -
Објаснувајќи дека минатата недела по обилните дождови ги посетил еден службеник, Џевад рече: „Нам постојано ни кажуваат дека треба да чекаме. Службеното лице го прашавме: 'Зошто сме надвор кога во кампот има место за 18 семејства'. Никој не ни дава конкретен одговор, само ни велат дека треба да чекаме.“
Во соопштението на Движењето против расизмот и фашистичките закани (KEERFA) се истакнува: „Овие луѓе сакаат да живеат во камповите, а не во шатори. Владата и Општина Атина веднаш треба да најдат решение за овој проблем. Има опасност овие луѓе да бидат прегазени од автомобилите кои секој ден поминуваат оттука.“