AP
15 Март 2018•Ажурирај: 16 Март 2018
КАТМАНДУ (АА) - Властите во Непал тврдат дека не можат да идентификуваат поголем дел од 22-те преживеани лица во авионската несреќа во главниот град Катманду, во која загинаа 49 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на полицијата, Маној Неупан, изјави дека идентификацијата на преживеаните е отежната поради големите изгореници и критичната состојба на жртвите.
Тој истакна дека 19 повредени сè уште се наоѓаат во болниците, додека една жртва е префрлена во Сингапур. Двајца повредени се пуштени на домашно лекување.
Несреќата се случи на 12 март на меѓународниот аеродром „Трибхуван“ во Катманду, главниот град на Непал.
Од полицијата потврдија дека патничкиот авион на бангладешката компанија „US-Bangla“, при слетување излетал од пистата и завршил во пламен.
Станува збор за авион „Bombardier“ од типот „Dash Q400“, кој летал од Дака, а во кој се наоѓале 67 патници и 4 члена на посадата.
Оваа авионска несреќа е една од најтрагичните во историјата на Непал.