свет

Недостигот на гориво во Австралија се влошува, над 500 бензински станици остануваат без залихи

Министерот за енергетика Крис Боуен изјави дека 520 бензински станици на национално ниво се соочуваат со недостиг на најмалку еден вид гориво

Mücahithan Avcıoğlu  | 26.03.2026 - Обновена : 26.03.2026
Недостигот на гориво во Австралија се влошува, над 500 бензински станици остануваат без залихи

ИСТАНБУЛ (АА) – Недостигот на гориво низ Австралија се влошува, при што повеќе од 500 бензински станици останале без најмалку еден вид гориво, додека десетици целосно ги исцрпиле своите залихи, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.

Министерот за енергетика Крис Боуен изјави дека 520 бензински станици на национално ниво се соочуваат со недостиг на најмалку еден вид гориво, јави „Еј-би-си њуз“.

Во државата Нов Јужен Велс, властите соопштија дека од околу 2.400 бензински станици, 32 останале целосно без гориво, 313 немаат најмалку еден вид што вообичаено го нудат, а 187 се без дизел.

Официјалните лица наведоа дека сите станици кои целосно останале без гориво се наоѓаат во регионалните области, што го нагласува притисокот врз руралните заедници.

Властите го опишаа проблемот како проблем со дистрибуција, а не како целосен колапс на снабдувањето.

Федералната влада презеде мерки за ублажување на притисокот, вклучително и привремено намалување на стандардите за дизел-гориво во период од шест месеци со цел да се зголеми понудата.

Боуен додаде дека дел од државните резерви на гориво се пуштени во употреба за да се стабилизира достапноста.

Недостигот се јавува во момент кога Австралија — која во голема мера зависи од увоз на гориво — се соочува со прекини во снабдувањето и пораст на побарувачката поради тековниот конфликт на Блискиот Исток.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.