Muhammed Emin Canik
16 Март 2024•Ажурирај: 16 Март 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 80 Палестинци загинаа во израелските напади врз Газа во текот на ноќта, пренесува Анадолу.
Палестинската новинска агенција ВАФА јави дека Израел продолжува со нападите врз различни делови на Појасот Газа, меѓу кои и бегалскиот камп Нусејрат и градот Газа.
Многумина се повредени во нападите кои беа насочени кон домови и згради на цивили во Газа.
Војската бомбардираше куќа на улицата Ал Џала, оставајќи многу жители заробени под урнатините.
Војската разурна седумкатница во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа, каде што се сместени раселените Палестинци, при што загинаа десетици, а многу повеќе се заробени под урнатините.
Екипите на цивилната одбрана ги извадија телата на петмина Палестинци од урнатините на зградата, а спасувачките напори се во тек.
Најмалку пет Палестинци загинаа, а има и повредени во напад на куќа во населбата Туфах во градот Газа.
Во населбата Наср има повеќемина загинати во бомбардирањето куќа од страна на војската, соопшти Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа.
Војската таргетираше куќа во бегалскиот камп Нусејрат, при што загинаа најмалку 36 Палестинци.
Израел започна смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на 7 октомври предводен од палестинската група Хамас, во кој загинати се помалку од 1.200 луѓе.
Во израелските напади врз Газа досега загинаа најмалку 31.490 Палестинци, главно жени и деца, а 73.439 се повредени.
Израел, исто така, воведе целосна блокада на палестинската енклава, оставајќи го нејзиното население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејствја и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.