Ahmed Asmar
26 Септември 2024•Ажурирај: 28 Септември 2024
ГРАД ГАЗА (АА) - Најмалку седум Палестинци загинаа денес во серија израелски воздушни напади врз домови низ Појасот Газа, соопшти Службата за цивилна одбрана, јавува Анадолу.
Агенцијата соопшти дека пет лица, меѓу кои две деца, го загубиле животот, а повеќемина се повредени во напад врз куќа источно од Кан Јунис, јужна Газа.
Едно лице е убиено во напад со дрон чија цел била куќа западно од истиот град, а уште едно лице во Џабалија во северниот дел на Газа, се додава од агенцијата.
Според медицински лица, неколку лица биле повредени во артилериско гранатирање и напад со дрон во бегалските кампови Нусејрат и Бурејџ во централниот дел на Појасот Газа.
Израел продолжи со бруталната офанзива врз Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот.
Речиси 41.500 луѓе, главно жени и деца, се убиени од почетокот на офанзивата на 7 октомври минатата година, а над 96.000 се повредени, според податоците на локалните здравствени власти.
Израелската офанзива го расели речиси целото население на територијата, а блокадата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите акции во Газа.