Islam Uddin
07 Јули 2023•Ажурирај: 09 Јули 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Најмалку 50 луѓе, од кои 14 деца, ги загубија животите, а 87 се повредени во инцидентите поврзани со поројните дождови и поплавите низ Пакистан во текот на монсунскиот период, што започна на 25 јуни, соопштија официјални лица денес, пренесува Анадолу.
Националната управа за справување со катастрофи објави дека поголемиот број починале во провинцијата Панџаб и во северозападната провинција Хајбер-Пахтунва.
„34 лица, од кои 10 деца и 7 жени, починаа во Панџаб, додека 10 лица, меѓу кои има и 4 деца и 4 жени, починаа во провинцијата Хајбер-Пахтунва“, се наведува во соопштението.
Власта информираше дека 5 лица ги загубиле животите во провинцијата Белуџистан, додека едно лице почина во Азад Џаму и Кашмир.
Околу 87 лица, од кои 28 деца и 27 жени, повредени се од настани поврзани со поплавите при што дошло до уривање на кровови, ѕидови, како и од струјни удари.
Според објавеното соопштение, повеќе од 60 куќи се оштетени од монсунските дождови.
Монсунските дождови годинава предизвикаа пустош во Пакистан, одземајќи човечки животи и уништувајќи ја инфраструктурата. Последните години климатските промени се почести и помалку предвидливи.
Минатата година незапаметени дождови поплавија третина од Пакистан, одземајќи повеќе од 1.700 животи. Поплавите минатата година уништија 1.000 куќи, училишта, болници, патишта и мостови, нанесувајќи огромни загуби од над 30 милијарди долари.