Rania R.a. Abushamala
04 Декември 2024•Ажурирај: 05 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 30 Палестинци се убиени, а десетици се повредени во израелските воздушни напади врз јужниот и северниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Најмалку 20 Палестинци се убиени, а десетици се повредени во воздушните напади со хеликоптери врз места каде што се собрани раселени луѓе и капацитети за складирање храна во Ал-Маваси во Кан Јунис, изјави медицински извор за Анадолу.
Изворот потврди дека жртвите „се јагленисани и има тела без глави“.
Во одделен напад убиени се 10 Палестинци, а над 50 се повредени во воздушен напад чија цел била куќа во населбата Шеик Радван во северниот дел на градот Газа, изјави за Анадолу Цивилната одбрана на Газа.
Воени авиони ја бомбардираа станбената куќа на семејството Ал-Дало во областа Ал-Нафак, предизвикувајќи значителна штета на околните домови, се додава.
Цивилната одбрана, исто така, истакна дека нејзините тимови работат на спасување на повредените и извлекување на телата од урнатините.
И покрај тоа што израелската армија го назначи како „хуманитарна безбедна зона“, подрачјето на Ал-Маваси беше сведок на десетици смртоносни израелски воздушни напади во текот на офанзивата врз Газа.
Израел започна геноцидна војна врз Газа по нападот во октомври минатата година од страна на палестинската група на отпор Хамас. Во израелските напади досега се убиени повеќе од 44.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се речиси 106.000.
Втора година од почетокот на геноцидот во Газа наидува на сѐ поголема меѓународна осуда, официјални претставници и институции ги карактеризираа нападите и блокирањето на испораките на хуманитарна помош како намерен обид за уништување на населението.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) на 21 ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот шеф на одбраната Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна во Газа.