Ahmed Asmar
22 Август 2024•Ажурирај: 24 Август 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 22 Палестинци се убиени, а повеќемина се повредени во серијата израелски напади во текот на ноќта низ Појасот Газа, во нападите што траат веќе 321 ден, јавува Анадолу.
Околу 11 Палестинци, повеќето деца и жени, загинаа во израелскиот воздушен напад врз куќа во градот Беит Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, изјави медицински извор за Анадолу.
Три лица загинаа кога израелски борбени авиони погодија друга куќа во бегалскиот камп Џабалија, изјави изворот.
Во израелскиот воздушен напад врз дом во бегалскиот камп Ал-Магази во центарот на Газа убиени се шестмина Палестинци, меѓу кои три деца, а четворица се повредени.
Мајка и дете се убиени и во израелскиот воздушен напад врз палестински дом во градот Хан Јунис, изјави друг медицински извор.
Израел ги продолжува своите брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври минатата година. Според локалните здравствени власти, оттогаш во израелските напади се убиени над 40.200 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се речиси 93.000.
Огромни делови од Појасот Газа се наоѓаат во урнатини, со разорена и уништена инфраструктура на палестинската енклавата, принудувајќи го населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, што доведе до акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.