свет

НАТО свика седница поради најавата на Трамп за повлекување од Договорот за отворено небо

- Договорот за отворено небо е еден од најопсежните меѓународни обиди за промоција на отвореноста и транспарентноста на воените сили и активности

Şerife Çetin  | 22.05.2020 - Обновена : 23.05.2020
НАТО свика седница поради најавата на Трамп за повлекување од Договорот за отворено небо

БРИСЕЛ

Северноатлантскиот сојуз (НАТО) денеска ќе заседава поради најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за отворено небо, јавува Агенција Анадолија (АА).

Неименуван официјален претставник на НАТО за АА изјави дека сите членки на сојузот и договорите за контрола на вооружувањето и воените активности во значителна мера придонесуваат за безбедноста во сојузот.

Истиот извор исто така изјави дека за иднината на Договорот за отворено небо денеска ќе дискутира Советот на Северноатлантскиот сојуз, сочинет од постојани претставници на членовите на таа организација.

Лидерите на НАТО на Самитот во 2018 година изразија загриженост поради тоа што Русија само парцијално го имплементира Договорот за отворено небо, а американскиот претседател Трамп неодамна изјави дека САД ќе се повлечат од тој договор, сѐ додека Русија не започне во потполност да го имплементира.

Договорот за отворено небо е склучен во 1992 година и стапи во сила десет години подоцна. Босна и Херцеговина и Хрватска се меѓу 34-те потписнички.

Со овој договор се воспоставува програма на невооружени летови за воздушен надзор над територијата на земјите членки. Договорот е дизајниран да го подобри заемното разбирање и доверба со тоа што на сите членки им дава директна улога во собирањето податоци за воените сили и активности што ги засегаат.

Договорот за отворено небо е еден од најопсежните меѓународни обиди за промоција на отвореноста и транспарентноста на воените сили и активности.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.