Servet Günerigök
22 Мај 2020•Ажурирај: 22 Мај 2020
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска нареди спуштање на знамињата на половина копје во знак на оддавање почит на жртвите од пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп на Твитер соопшти дека знамињата на сите институции и национални споменици во САД во текот на наредните три дена ќе бидат спуштени на половина копје.
„В понеделник знамињата ќе бидат спуштени на половина копје во знак на оддавање почест на сите мажи и жени во американската војска кои дадоа голема жртва за нашата нација“, порача Трамп.
Во САД, во последниот понеделник од мај се одбележува Ден на сеќавање на загинатите американски војници.
Трамп се одлучи на Денот на сеќавањето да им оддаде почит и на жртвите од коронавирусот, а претходно апел за тоа упатија и лидерите на опозицијата, односно шефицата на Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси и челникот на малцинството во Сенатот, Чарлс Шумер.
Во САД со коронавирусот се заразени повеќе од 1,5 милион лица, а од последиците на вирусот починаа речиси 95.000 лица.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 333 илјади луѓе во светот, додека над 5 милиони се заразени.