Ömer Tuğrul Çam
04 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, соопшти дека во НАТО се започнати технички средби меѓу Турција и Грција како механизам за спречување на конфликт меѓу овие две земји во Источниот Медитеран, но дека засега не е постигнат каков било договор, известува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг одржа прес-конференција по состанокот одржан на ниво на постојаните претставници на Северноатлантскиот совет на НАТО.
Столтенберг, во врска со техничките средби меѓу воените делегации на Турција и Грција, го рече следното:
„По средбите што ги имав со лидерите на Турција и Грција, двете земји сојузници дојдоа тука во НАТО на технички средби. Целта на овие средби е воспоставување механизми за спречување воен конфликт. Сѐ уште не е постигнат договор за намалување на ризикот од несреќа во Источниот Медитеран. Ова се технички преговори, а не преговори во врска со спорот меѓу Турција и Грција. Станува збор за активности кои ќе ги надополнат напорите за политичка медијација предводена од страна на Германија.“
Столтенберг истакна дека станува збор за значајна платформа во однос на прашањето за решавање на проблемите во рамките на НАТО, повторувајќи дека во НАТО се започнати воените технички средби.
„Имавме потреба од започнување технички средби за развој на механизам за спречување на конфликти бидејќи во Источниот Медитеран се присутни многу бродови“, рече Столтенберг.