Nur Asena Ertürk
07 Септември 2023•Ажурирај: 09 Септември 2023
АНКАРА (АА) - НАТО денес го осуди повлекувањето на Русија од Договорот за извоз на жито преку Црно Море и ги поздрави напорите на Туркије за повторно воспоставување на Договорот, јавува Анадолу.
„Го осудуваме повлекувањето на Русија од Црноморскиот договор за жито. Ги поздравуваме напорите на Туркије да се обиде повторно да го воспостави Договорот за жито“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред Комитетот за надворешни работи на Парламентот на Европската Унија, додавајќи:
„Се разбира, најдобар начин да се обезбеди сигурна испорака на жито од Украина е да се стави крај на војната.“
На 17 јули Русија го суспендира учеството во Договорот за извоз на жито преку Црно Море, постигнат со посредство на Туркије и ОН за продолжување со извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море кој беше запрен со почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.
Москва се пожали дека Западот не ги исполнил своите обврски во врска со рускиот извоз на жито, дека има ограничувања во плаќањето, логистиката и осигурувањето на испораката на жито и вештачки ѓубрива, како и дека не се доставува доволно украинско жито во земјите на кои им е потребно.
По состанокот во понеделникот со рускиот претседател Владимир Путин, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оптимистички зборуваше за обновување на Договорот, велејќи дека верува оти наскоро ќе биде постигнат добар резултат.
САД и останатите меѓународни актери, исто така, ги пофалија напорите на Туркије за постигнувањето на договорот за житото и работата за негово обновување.