Dildar Baykan Atalay
07 Септември 2023•Ажурирај: 08 Септември 2023
АНКАРА (АА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави нов пакет помош од една милијарда долари за Украина и соопшти дека има напредок во украинскиот контранапад против Русија во последните недели, јавува Анадолу.
За време на неговата посета на Украина во Киев, Блинкен се сретна со претседателот Владимир Зеленски, премиерот Денис Шмигал и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Блинкен во обраќањето пред новинарите нагласи дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
Блинкен најави нов американски пакет помош за Украина од една милијарда долари.
„Контранападот што е во тек доби замав во последните недели. Овој импулс ќе се забрза со новата помош што ќе ѝ ја дадеме на Украина“, рече Блинкен.
Во рамките на новиот пакет помош, Украина ќе добие 175 милиони долари помош за одбраната. Оваа помош вклучува ракети за ракетниот систем со високи перформанси (HIMARS), противтенковски ракетни системи Џавелин, противтенковски системи и муниција за тенковите Абрамс.
Освен тоа, 300 милиони долари од новонајавениот пакет вклучуваат поддршка за спроведување на законот за воспоставување ред во ослободените региони.
Исто така, 100 милиони долари од пакетот ќе бидат дадени како „странско воено финансирање“, а 206 милиони долари ќе бидат дадени како хуманитарна помош. Останатиот дел ќе биде за долгорочните потреби на Украина.