Seyit Şamil Kurt
21 Октомври 2025•Ажурирај: 22 Октомври 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Американската вселенска агенција НАСА најави ревизија на својата стратегија за слетување на Месечината, поради доцнењето во развојот на леталото на компанијата „СпејсЕкс“ и зголемениот политички притисок од Белата куќа за предност во однос на Кина, јави порталот „Арс текника“, пренесува Анадолу.
Шон Дафи во изјавата за „Фокс њуз“ вчера истакна дека приватната компанија „СпејсЕкс“ заостанува со роковите за проектот вреден 2,9 милијарди долари за развој на системот за човечко слетување (Human Landing System) на Месечината.
Дафи, кој истовремено е и американски секретар за транспорт, наведе дека претседателот Доналд Трамп бара американски астронаути да слетаат на Месечината во текот на неговиот актуелен мандат и дека НАСА повторно ќе го отвори конкурсот за нови дизајни на лунарни летала.
Оваа одлука практично претставува официјално признание од НАСА дека повеќе не е реална целта екипаж да слета на Месечината до 2027 година.
„СпејсИкс“, во сопственост на Илон Маск, и „Блу Ориџин“ веќе имаат договори со НАСА за развој на повеќекратно употребливи месечеви летала. Сепак, големите технички пречки - како што е полнењето гориво во вселената - го забавија напредокот. Дафи, исто така, навести дека традиционалните воздухопловни компании, како „Локхид Мартин“, би можеле да ѝ се придружат на конкуренцијата.
„Локхид“ вчера потврди дека работи на алтернативни концепти за лендер и подготвен е да ја поддржи НАСА „колку што е можно побрзо“.
„Во текот на оваа година ‘Локхид Мартин’ спроведе значајни технички и програмски анализи за човечки лунарни летала што би ѝ понудиле на НАСА безбедно и брзо решение за враќање на човекот на Месечината“, изјави Боб Бенкен, потпретседател за истражување и технолошка стратегија во компанијата.
Поради проширувањето на програмата би можело да се бараат и дополнителни средства од Конгресот, што би ја зголемило вкупната цена на проектот на меѓу 20 и 30 милијарди долари – речиси десетпати повеќе од првичниот договор со „СпејсЕкс“.
Маск, пак, ја отфрли загриженоста околу доцнењето и на платформата „Икс“ напиша: „'СпејсЕкс' се движи со брзина на светкавица во споредба со остатокот од индустријата… Старшип ќе ја реализира целата мисија на Месечината. Запомнете ги моите зборови.“
Маск, кој беше еден од најголемите донатори на кампањата на Трамп и негов близок советник, наводно летово имал недоразбирања со него.
Како што се зголемуваат политичките и техничките притисоци, иднината на месечевата програма на НАСА ќе зависи од тоа дали новата конкуренција ќе успее навистина да го забрза напредокот кон следното слетување на човекот на Месечината.