Ekipa
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
ИДЛИБ (АА) - Режимот на Башар ал Асад и терористичките групи поддржани од Иран во деескалационата зона во Идлиб во Сирија, изведоа топовски напад во кој животот го загубија 11 цивили, а 25 цивили се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите на режимот, прекршувајќи го Договорот од Сочи, во рамките на границите на деескалационата зона, изведоа интензивно топовско гранатирање на градот Маретинуман и селата Ел Тух и Хош ал Кисабије.
Директорот на Цивилната заштита на Идлиб („Бели шлемови“), Мустафа Хаџ Јусуф, за АА изјави дека силите на режимот во попладневните часови ги интензивирале нападите врз подрачјето.
„Јужно од Идлиб, во руралните предели на Маретинуман изведени се најмалку 13 топовски и ракетни напади. Во нападите досега животот го загубија најмалку 11 цивили, а најмалку 25 цивили се ранети“, истакна Хаџ Јусуф.
Во период кога екипите на цивилната заштита продолжуваат со својата работа за извлекување на настраданите од под урнатините, постои загриженост за зголемување на бројката на настрадани.
И покрај потпишаниот Договор во Сочи од страна на силите на сирискиот режим на Асад, Турција и Русија за примирје во Идлиб, нападите не се прекинати. Во согласност со Договорот од Сочи, потпишан на 17 септември 2018 година, вооружената опозиција на 10 октомври 2018 година од подрачјето го отстрани тешкото вооружување.