Mohamed Dhaysane
15 Септември 2023•Ажурирај: 17 Септември 2023
МОГАДИШУ (АА) - Најмалку двајца војници загинаа, а четири лица, меѓу кои двајца сомалиски федерални пратеници, се ранети денес во самоубиствен напад со автомобил бомба во воен камп во централната држава Галмудуг, јавува Анадолу.
Кампот, што се наоѓа во селото Лас Гаамеј, беше домаќин на високи државни и регионални претставници, вклучително и на претседателот на државата Галмудуг, Ахмед Абди Карие Ќоркор.
Висок претставник за безбедност по телефон за Анадолу изјави дека регионалниот претседател и други претставници на локалната и федералната влада преживеале и поминале неповредени, но двајца членови на сомалискиот Парламент, Абди Хаши Дабанкад и сенаторот Абди Кејбдид, се здобиле со „лесни повреди“.
„Двајцата војници загинале обидувајќи се да спречат автомобилот да влезе во кампот“, рече официјалниот претставник, барајќи да остане анонимен.
Терористичката организација од Сомалија, Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападот во соопштение објавено на нејзината пропагандна платформа на социјалните мрежи.
Мухамед Мохамуд, член на државниот Парламент, беше убиен во бомбашки напад во регионот во понеделникот.
Земјата на Рогот на Африка со години е зафатена од нестабилност, а главните закани доаѓаат од терористичките организации Ал Шабаб и ДЕАШ.
Од 2007 година, терористичката организација Ал Шабаб се бори против сомалиската Влада и Мисијата на Африканската унија во Сомалија (ATMIS), мултидимензионална мисија назначена од Африканската унија и одобрена од Советот за безбедност на Обединетите нации.
Терористичката организација ги засили нападите откако сомалискиот претседател Хасан Шеик Мухамуд, кој беше повторно избран за втор мандат минатата година, објави „сеопфатна војна“ против Ал Шабаб.