Ahmed Asmar
03 Април 2025•Ажурирај: 04 Април 2025
РАМАЛА / АНКАРА (АА) – Повеќе од 39.000 палестински деца останаа без еден или двајцата родители како резултат на израелската војна во Појасот Газа, покажуваат официјалните податоци објавени денес, јавува Анадолу.
Според Палестинското централно биро за статистика, 39.384 деца ги загубиле своите родители во текот на 534 дена израелска офанзива врз Газа.
Во извештајот, објавен по повод Палестинскиот ден на детето, кој се одбележува на 5 април, се посочува дека околу 17.000 деца останале без двајцата родители од октомври 2023 година.
„Овие деца живеат во трагични услови, при што многу се принудени да се засолнат во оштетени шатори или урнати домови, со речиси целосен недостаток на социјална грижа и психолошка поддршка“, се наведува во извештајот.
Појасот Газа се соочува со најголемата криза на сираците во современата историја, предупредуваат палестинските власти.
Според официјалните податоци, најмалку 17.954 деца биле убиени во израелските напади, меѓу кои и 274 новороденчиња и 876 бебиња помали од една година.
Дополнително, 17 деца починале од студ во камповите за раселени лица, а 52 други од глад и систематска неисхранетост.
Околу 60.000 деца во Газа се во животна опасност поради глад и недостиг на основни намирници, како резултат на израелската блокада, се вели во извештајот.
Децата под 18 години сочинуваат околу 43 отсто од палестинското население во Газа и на Западниот Брег.
Израел започна ненадејна воздушна кампања во Газа на 18 март и оттогаш уби повеќе од 1.160 Палестинци, а рани над 2.700, прекршувајќи го јануарскиот договор за прекин на огнот и размена на затвореници меѓу Израел и палестинската група на отпорот Хамас.
Во израелските напади од октомври 2023 година досега во Газа се убиени повеќе од 50.500 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.