свет

Над 2.500 луѓе учествуваа на будистичка церемонија во Камбоџа во чест на жртвите од граничниот конфликт

Церемонијата се одржа во Меморијалот „Вин-Вин“, а ја водеа повеќе од 100 будистички монаси

Aida Cako  | 29.12.2025 - Обновена : 29.12.2025
Над 2.500 луѓе учествуваа на будистичка церемонија во Камбоџа во чест на жртвите од граничниот конфликт Фото: Daniel Ceng/AA

ПНОМ ПЕН (AA) – Над 2.500 граѓани, меѓу кои и будистички монаси и цивили, денес учествуваа на будистичка комеморативна церемонија во главниот град на Камбоџа, Пном Пен, во чест на жртвите од неодамнешниот граничен конфликт, јавува Анадолу.

Церемонијата се одржа во Меморијалот „Вин-Вин“, а ја водеа повеќе од 100 будистички монаси. На настанот присуствуваа различни општествени групи, вклучително и студенти и следбеници на будизмот, кои заеднички оддадоа почит на загинатите војници и цивили и упатија молитви за траен мир.

Меморијалот „Вин-Вин“, изграден во 2018 година, симболично го одбележува крајот на граѓанските војни во Камбоџа и често служи како место за национални собири и сеќавања.

Комеморацијата се одржа по постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа на 27 декември, со што беше ставен крај на жестоките судири покрај граничните области. Повеќе земји, меѓу кои Кина и Соединетите Американски Држави, ја поздравија спогодбата за примирје.

Според официјалните податоци, во конфликтот се убиени повеќе од 100 лица, додека десетици илјади луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради судирите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.