Betül Yürük
26 Февруари 2017•Ажурирај: 26 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - На млaдиот сириски снимател Халид Хатиб, кој со филмот „Белите шлемови“ (The White Helmets) е номиниран за овогодишниот Оскар, не му беше дозволено да отпатува на доделувањето на престижните награди во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Хатиб (21) требаше да лета од Истанбул за Лос Анџелес, и денес да присуствува на доделувањето на филмските награди Оскар. Филмот„Белите шлемови“ е номиниран за златната статуетка во категоријата за најдобар краткометражен документарен филм.
Младиот снимател не успеа да замине за Лос Анџелес. Тој на својот Твитер профил напиша дека по минувањето три дена на аеродромот во Истанбул, иако поседува виза за САД, не му е дадено зелено светло да замине за Лос Анџелес.
Во меѓувреме, Асошиетед прес јави дека на Хатиб, Министерството за внатрешна безбедност на САД во последен момент го оневозможило патувањето во Лос Анџелес.
Филмот „Белите шлемови“ е филм за сириската Цивилна заштита, односно за акциите на спасување цивили од воздушните напади на режимските и на руските сили.