Ali Cura
24 Септември 2020•Ажурирај: 25 Септември 2020
МИНСК
На вчерашните демонстрации одржани во знак на протест откако претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, ја положи заклетвата за новиот мандат, приведени се 364 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Олга Чемоданова, портпаролката на Министерството за внатрешни работи на Белорусија, соопшти дека на вчерашните протести одржани во 59 подрачја низ земјата учествувале околу 5.000 лица.
Чемоданова наведе дека протестите стануваат сѐ поагресивни и дека демонстрантите се во отворен судир со припадниците на безбедносните сили. Според нејзините зборови, демонстрантите често фрлаат камења и остри предмети на полицијата.
Таа додаде дека во судир со полицијата влегуваат групи на млади и дека има повредени припадници на безбедносните сили.
Осврнуваји се на протестите во Минск, Чемоданова изјави дека одделни помали групи кои излегле на улиците, го попречуваат сообраќајот на возилата, а припадниците на безбедносните сили со специјални возила и опрема се обидуваат да го спречат нарушувањето на јавниот ред и мир.
Таа додаде дека припадниците на безбедносните сили го сториле тоа што е потребно за зачувување на јавниот ред и безбедност.
„На вчерашните недозволени протести приведени се 364 лица кои го нарушуваа јавниот ред. Од нив 252 се од Минск. Во притвор ќе бидат задржани 320 лица додека не бидат изведени пред суд“, изјави Чемоданова.
Протестите во Белорусија започнаа по соопштувањето на резултатите на претседателсктие избори што се одржаа на 9 август, на кои победи актуелниот претседател Александар Лукашенко. Демонстрантите, уверени дека изборите биле наместени, излегоа на улиците со барање за нови избори, но и уставни измени.
Од осамостојувањето на Белорусија во 1994 година, Лукашенко има освоено шест последователни мандати, а вчера положи заклетва и продолжи да ја извршува претседателската функција.